Разбирање на медиумската писменост и дезинформациите

Слика: Tobias Albers-Heinemann /pixabay.com

Со оглед на тоа дека сите, од ученици па сè до наставници, се потпираат на дигиталната технологија во секојдневниот живот, а особено за време на пандемијата, потребата од медиумска писменост е поизразена од кога било претходно. Ова упатство ќе ги истражи некои од корисните ресурси за медиумска писменост и дезинформации.

Борба против дезинформациите 

Дезинформации, лажни вести, погрешни информации… има голем број термини за лажните наслови и стории кои ни се пласираат на Интернет, но дали сите тие значат нешто различно?

УНЕСКО има изработено корисен модул за овие термини и за значењето на секој од нив кој е дел од водичот „Размислуваме за 'информациските нарушувања': формати на погрешни информации, дезинформации и злонамерни информации“, кој на читателот му дава забрзан курс за вистинското значење на дезинформациите, такви какви што ги познаваме денес. Потоа, може да се провери стекнатото знаење на темата со помош на овој тест за наоѓање на разликата.

Европската комисија има објавено сопствена збирка алатки специфично наменети за наставници во средните училишта под насловот „Препознајте ги и борете се против дезинформациите”, којашто вклучува примери од реалниот живот и групни вежби за реализација за време на часот.

RAND Europe, организацијата за истражување јавни политики, во рамки на нејзината Иницијатива за борба против пропаѓање на вистината, идентификуваше неколку „онлајн алатки кои треба да им помогнат на потрошувачите, истражувачите и новинарите да се снајдат во денешната проблематична информациска средина“.  Преку седум категории, проектот ги истакнува алатките на иницијативата, како што е „Bad News“, интерактивна игра која ја изложува публиката на тактики за лажни вести на тој начин што го тера играчот да објави лажни наслови на вести чија цел е да го привлечат вниманието.

Целта на играта е да го натера играчот да размислува критички за она што се објавува и за целта заради која тоа се објавува. Други корисни алатки, како што е „Who targets me?“, му овозможуваат на корисникот да креира онлајн профил и да собира информации за рекламите што ги гледа, со цел подобро да разбере зошто е таргетиран од одредени реклами.  За повеќе информации, погледнете во целосната листа на RAND за Справување со дезинформации.

Ресурси за медиумска писменост – книги, групи и вебинари

Порталите School Education Gateway и еТвининг имаат голем број достапни ресурси за медиумска писменост и дезинформации во училишната средина. еТвининг обезбеди книга насловена „Стекнување медиумска писменост и борба против дезинформации со помош на еТвининг“ која има цел да послужи како инспирација за наставниците и учениците да ги истражат различните аспекти на оваа тема. 

Понатаму, нивниот „комплет за споредба на вестите и медиумските содржини им овозможува на учениците од различните партнерски земји на еТвининг да соработуваат и да ги истражуваат насловите и содржините на вестите од различни сектори и медиуми, споредувајќи ги резултатите во мешани групи и дискутирајќи за евентуалните разлики. Групата за медиумска писменост и дезинформации на еТвининг, исто така, има пристап на соработка и нуди вебинари, кампањи и материјали за медиумска писменост. За да добиете пристап до овие информации и да се вклучите, придружете се на групата на еТвининг!

School Education Gateway во текот на годините опфати разни елементи од медиумската писменост, со некои истакнати статии, вклучително „Остварување дигитална писменост: патот по кој треба да чекорат наставниците и едукаторите“ и стручна статија од проф. д-р Сирку Котилаинен,  и д-р Мари Пиенимаки, постдокторантка на Универзитетот на Тампере во Финска за „Транскултурни перспективи потребни во медиумското образование“.

Во 2021 година, платформата School Education Gateway беше домаќин на вебинар за „Нови вештини за читање онлајн: како училиштата може да се справат со информациското нарушување“ со Кари Кивинен, теренски експерт за едукација од EUIPO, Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ. На вебинарот беа претставени најновите истражувања, како и идеи за работилници и практични примери за нови проекти во делот од наставната програма кој се однесува на вештини за читање, со цел да им се помогне на учениците да размислуваат покритички и полесно да идентификуваат веродостојни извори на информации.

Минатиот јули, Марија Габриел - Европската комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади - за време на нејзината посета на Куќата на европската историја во рамки на изложбата „Лажно како вистинито - Историја на фалсификатите“ зборуваше за важноста на образованието во справувањето со дезинформациите и вклучувањето преку соработка на учениците, наставниците и слични чинители, а најави и нова експертска група која треба да помогне за справување со ова прашање.

School Education Gateway го посветува месец декември 2021 година на медиумската писменост. Сите поврзани статии и извори може да ги пребарувате преку релевантната ознака.