Разбирање и решавање на проблемот со предвременото напуштање на образованието на училишно и на локално ниво

Предвременото напуштање на образованието претставува комплексна, динамична и повеќеаспектна појава која се јавува како резултат на комбинација од лични, социјални, економски, образовни и семејни фактори, честопати поврзана со социо-економски тешкотии. Таа ретко се манифестира како ненадејна одлука, односно најчесто претставува видлив резултат на еден долг процес на слаби постигнувања и на постепено губење на интересот за образованието.

Младите луѓе предвреме го напуштаат образовниот процес од најразлични причини кои се мошне индивидуални за секој поединец. Некои се откажуваат поради лични или семејни проблеми, други поради здравствени или емоционални тешкотии. Некои млади луѓе се незадоволни од своето школување – на пример, наставната програма и наставните методи можеби не им одговараат на потребите, можеби немаат добри односи со наставниците или со соучениците, можеби трпат врсничко насилство, или пак можеби има негативна атмосфера во училиштето. Како и да е, кај предвременото напуштање на образованието може да се забележат одредени трендови и некои млади луѓе се повеќе изложени на ризик од други. Младите кои предвреме го напуштаат образованието обично доаѓаат од социјално загрозени средини (како што се домаќинства во кои членовите се невработени, семејства со ниско ниво на образование, самохрани родители или домаќинства во кои стресно се живее); од поранливи групи (на пример, деца со посебни образовни потреби или малолетни мајки); или пак од малцински или мигрантски семејства. Исто така, оваа појава е позастапена кај момчињата отколку кај девојчињата.

Поради неговата комплексна природа, овој проблем треба да се решава преку пристап на заедничка соработка меѓу училиштето и сите останати релевантни чинители. Потребен е „сеопфатен училиштен пристап“ за намалување на стапката на предвремено напуштање на образованието и промовирање образовен успех за сите ученици. Сите чинители во рамки на образовниот процес (директори, наставен и останат персонал, ученици, родители и семејства) и надворешни образовни и необразовни засегнати страни имаат суштинска улога во справувањето со образовните тешкотии и спречување на предвременото напуштање на образовниот процес. Сите чинители имаат обврска да се вклучат во едно кохезивно, колективно и здружено дејствување засновано на мултидисциплинарност и диференцијација. Ова е еколошка перспектива која го перципира училиштето како повеќедимензионален и интерактивен систем кој може да учи и да се менува. Сите димензии на училишниот живот треба да бидат опфатени на кохерентен начин за да се промовира промена. Тоа, исто така, подразбира дека во наставата, учењето и во секојдневниот живот во училиштето, треба да се земат предвид потребите на сите (учениците, персоналот и пошироката заедница).