Како настана Европската збирка алатки за училишта

Европската збирка алатки за училишта е резултат на активностите што се преземаат на ниво на ЕУ од 2011 година во однос на предвременото напуштање на образованието. Во категоријата на лица кои предвремено го напуштаат образованието спаѓаат млади луѓе кои го напуштиле процесот на образование и обука и кои имаат завршено најмногу нижо средно образование и повеќе не се школуваат. Според истражувањата и статистиката, оваа појава доведува до зголемен ризик од невработеност, социјална исклученост и сиромаштија, а создава огромни трошоци за поединецот и за општеството во целина.

Справувањето со проблемот на предвремено напуштање на образованието беше една од петте главни цели на Стратегијата Европа 2020: земјите-членки се договорија да ја намалат просечната стапка на предвремено напуштање на образованието во ЕУ на помалку од 10 % до 2020 година и утврдија национални цели (со исклучок на Обединетото Кралство). Во 2011 година, Советот на Европската Унија донесе Препорака за политики за намалување на стапката на предвремено напуштање на образованието. Преку неа, земјите-членки се повикуваат да спроведат сеопфатни политики засновани на докази насочени кон намалување на стапката на предвремено напуштање на образованието, и коишто вклучуваат соодветна комбинација на мерки за превенција, интервенција и компензација. 

Schools Policy

За да се поддржи спроведувањето на Препораката, се иницираше соработка меѓу европските земји во полето на политики преку Тематска работна група за предвремено напуштање на образованието (2011-2013). Нејзиниот Конечен извештај содржи клучни пораки за креаторите на политики, контролна листа за самопроцена на стратегиите за политики, како и примери за добри практики од земјите на ЕУ.   

Работната група за училишна политика (2014-2015) дополнително ја разви базата на знаење во однос на предвременото напуштање на образованието. Таа истражуваше како да се развијат похолистички пристапи на соработка во однос на предвременото напуштање на образованието на училишно и на локално ниво и изготви политички пораки, коишто даваат општи препораки за креаторите на политики од сите нивоа.

Оваа Збирка алатки е резултат на напорите на Работната група за обезбедување конкретна поддршка за училиштата и нивните партнери со цел да се спречи предвременото напуштање на образованието, да се даде брз и соодветен одговор на првите знаци на незаинтересираност и да се обезбеди дека секој ученик ќе успее. Со оглед на тоа дека е силно фокусирана на превенција и рано интервенирање, таа не опфаќа мерки за компензација насочени кон повторно вклучување на лицата во образование и обука (како што се програмите за втора шанса).

Структурата и функционалностите на Збирката алатки се изработени со поддршка од д-р Alessio D’Angelo, заменик директор, Истражувачки центар за социјална политика, Универзитет на Мидлсекс.

Содржината на Збирката алатки постојано се развива со помош на Уредничкиот одбор:

  • Kirstin Kerr, виш предавач во полето на образованието, Универзитет на Манчестер
  • Per Kornhall, доктор на науки, истражувач, Универзитет на Мелардален, Шведска
  • Cosmin Ionut Nada, доктор на науки, истражувач, Универзитет на Порто
  • Erna Nairz-Wirth, професорка, Виенски универзитет за економија и бизнис
  • Teresa Sordé Martí, вонредна професорка на програмата „Serra Húnter“, Автономен универзитет на Барселона
  • Ward Nouwen, истражувач, Универзитет на Антверпен (2016-2019)