Политика за приватност

Европската комисија, Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура („DG EAC“), Европска извршна агенција за образование и култура („EACEA“) и EUN Partnership („EUN“) како давател на услуги на Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура, се посветени на зачувување на вашата приватност.

Платформата School Education Gateway собира и обработува лични податоци во согласност со Регулативата (ЕУ) бр. 2018/1725 за заштита на личните податоци од страна на институциите, телата, службите и агенциите на Унијата[i] („Регулатива за заштита на податоци“). Сите податоци се собираат во база на податоци сместена во Европската Унија.

Ние ја цениме вашата доверба и сакаме да бидеме сигурни дека ги разбирате нашите политики и практики во однос на заштитата на вашите податоци во рамки на платформата School Education Gateway.

1. Кој е одговорен за обработка на вашите лични податоци (контролор на податоци)?

Контролор на податоците е Европска извршна агенција за образование и култура, Avenue du Bourget 1, BE-1149 Brussels.

Назначено лице одговорно за активностите за обработка е: 

Раководителот на одделението A5 на EACEA 
Европска извршна агенција за образование и култура
Avenue du Bourget 1, BE-1049 Brussels
E-пошта: eacea-eplus-etwinning@ec.europa.eu

2. Кои лични податоци се обработуваат и како?

A. Кориснички профил: лични податоци и податоци за организацијата

Следниве лични податоци се обработуваат во контекст на School Education Gateway кога корисникот ќе креира сметка на платформата.

По свој избор, членовите може да се придружат на една или повеќе организации.

Во следнава табела е прикажано кои податоци се задолжителни, а кои незадолжителни, за поединците и за организациите при регистрирање на School Education Gateway.

Лични податоци Податоци за организацијата
Задолжителни Име
Презиме
Е-пошта
Тип на корисник
Земја
Име на организацијата
Адреса
Град
Поштенски код
Земја
Регион
Тип
PIC (Код за идентификација на учесник)
Лице за контакт (врска со постоечки кориснички профил)
Незадолжителни Слика Опис
УРЛ од веб-страница
УРЛ од Facebook
УРЛ од Twitter
УРЛ од LinkedIn
Слика

Б. Податоци од учество во онлајн курсеви

School Education Gateway им нуди на корисниците можност да учествуваат во онлајн курсеви преку Teacher Academy. За упис на онлајн курсевите неопходно е да се креира корисничка сметка на School Education Gateway (видете погоре), но дополнителни лични податоци не се потребни.

Како дел од онлајн курсот, може да се соберат следниве податоци, вклучително и податоци од личен карактер:

  • содржина изработена од ученици, како што се поднесени задачи, задачи оценети од врсници и повратни информации од оценувањето од врсниците.
  • податоци од курсот, како што се одговори на учениците на тестови, форуми и анкети.
  • информации, како што се коментари, фотографии, видеозаписи и други ресурси, споделени преку јавни форуми (или слични алатки за комуникација од трети лица, како што се Padlet или Tricider). Овие форуми може да бидат на платформата, или пак да бидат вградени во платформата или поставени на неа како врска.
  • користењето надворешни алатки од трети лица е опционално во рамки на онлајн курсевите. Овие алатки се раководени од веб-страници на трети лица кои применуваат свои сопствени политики за приватност. Со регистрирање кај нив, учесниците се согласуваат нивните лични податоци да бидат обработувани од овие трети лица (како контролори). За подетални информации, ви препорачуваме да ги погледнете политиките за приватност на веб-страниците на тие трети лица.

Сите информации објавени на форуми и на други алатки за дискусија ќе бидат видливи на платформата за останатите учесници на онлајн курсот, а во некои случаи и надвор од платформата. На учесниците им се препорачува секогаш да внимаваат кога објавуваат какви било лични или сензитивни информации и да се погрижат да ги имаат соодветните дозволи пред да споделат каков било материјал, како на пример слики.  

В. Податоци од веб-страници или услуги од трети лица

School Education Gateway може да добие податоци од личен карактер кога корисниците пристапуваат или се најавуваат на веб-страница на трето лице која прикажува информации на платформата, како на пр. Facebook, Twitter, или Padlet. Тие може да вклучуваат текст и/или слики достапни на веб-страницата на трето лице.

School Education Gateway, исто така, добива податоци од личен карактер (поточно име на корисникот, единствен идентификациски број на корисникот на веб-страницата на трето лице и адреса на е-пошта на корисникот) од веб- страница на трето лице ако корисникот се најави преку механизмот за овластување на веб-страницата на трето лице: Facebook, Twitter, Google или LinkedIn.

Веб-страниците на трети лица кои обезбедуваат алатки и услуги поврзани со онлајн курсевите, како што се онлајн тестови, механизми за врсничко оценување или функционалности на друштвени мрежи, исто така, може да собираат податоци од личен карактер поврзани со користењето на таа веб-страница од страна на лицето во склоп на активностите од онлајн курсот. Веб-страниците на трети лица може да ги споделат тие податоци со School Education Gateway со цел подобрување на услугите на School Education Gateway, услугите на веб-страницата на трето лице, како и едукативното искуство на лицето. Овие податоци вклучуваат информации, како што се времето поминато на веб-страницата на партнерот и посетените страници. Користењето такви алатки е секогаш опционално во рамки на онлајн курсевите.

Г. Останати податоци

Корисниците може да одлучат да остават јавен коментар на статиите објавени на платформата. Исто така, може да остават јавни коментари, рецензии или записи под алатките од Erasmus+ (Каталог со курсеви, Можности за мобилност и Стратешки партнерства) и во тој случај важат овие Услови и одредби. Во сите овие случаи, членовите може да испратат информации со цел објавување на нивните коментари, рецензии или записи.

Корисниците треба да знаат дека администраторите може да имаат пристап до пораките и известувањата на корисниците на платформата со цел решавање проблеми.

Корисниците може да учествуваат и во анкети или вебинари или да се пријават на одредени списоци на примачи. Во тој случај, корисниците испраќаат податоци со цел да учествуваат во тие иницијативи.

Се собираат податоци, како што се IP адресата на корисникот, давателот на Интернет услуги, веб-прелистувачот, оперативниот систем, приближното време на користење, страницата на упатување, одредени кориснички интеракции со функционалностите на системот и кои било слични податоци разменети меѓу компјутерот на корисникот и серверите на платформата School Education Gateway. Тие нема да бидат поврзани со конкретни кориснички сметки, освен во случај на следење на одредена корисничка активност кога постои сомнеж за прекршување на Условите и одредбите.

И како последно, редовно ќе се собираат збирни статистички податоци, вклучително, меѓу другото, и податоци за бројот на корисници во одреден период, курсевите избрани од корисниците и користењето на сметката.

3. Со која цел ги обработуваме вашите податоци? 

Обработката на личните податоци е неопходна со цел:

  • да им се овозможи на регистрираните корисници да ги користат услугите на платформата, како што се:
    • оставање коментари, рецензии и записи;
    • користење разни функции на платформата, како што се омилени елементи или зачувани пребарувања; и
    • збогатување на корисничките профили.
  • да може да одговориме на прашањата упатени до корисничката служба, предлозите за содржина, пријавените ставки, итн.;
  • да им се овозможи на регистрираните корисници на School Education Gateway да комуницираат и да соработуваат во духот на заемна доверба и почитување;
  • да се овозможат и олеснат активностите за следење и истражување;
  • да се развијат цели за промовирање и комуникација во рамки на платформата School Education Gateway и нејзините услуги;
  • да им се испраќаат на корисниците ажурирани и релевантни информации (на пр. информативни билтени или летоци за давателите на курсеви) во однос на School Education Gateway, како и да се известуваат за останати сродни активности за кои тие би можеле да бидат заинтересирани во рамки на иницијативите на Европската Комисија;
  • да се овозможи администрирање и спроведување на онлајн курсевите, вклучително:
    • следење на присуството на курсевите за обука, напредокот и завршувањето на модулите од страна на индивидуални корисници;
    • споделување податоци од личен карактер и податоци за успешноста во даден онлајн курс со инструкторите или модераторите кои го предаваат курсот или се дел од спроведувањето на курсот;
    • овозможување на корисниците да дадат свој придонес за онлајн курсевите преку давање оценки, коментари, обележување, означување, решавање тестови, учествување во форуми и други комуникациски алатки, како и прикачување свои сопствени материјали;
    • презентирање и резимирање на резултатите од курсот;
    • повторно користење и упатување на објави на форуми и комуникациски алатки во тековните и идните верзии на курсевите и во комуникациите на курсевите, и подобрување на идната понуда на курсеви;
    • организирање на корисниците во групи или тематски активности.
  • да се овозможи и подобри корисничкото искуство во рамки на овој и во слични идни проекти кои ги реализира Европската Комисија преку контрола на пристап, следење на зачестеноста на користење, пребарувачки навики, преференции и поставки;
  • да се овозможи собирање, категоризирање и резимирање на придонесот на корисниците во рамки на форумите и другите алатки за дискусија;
  • да се обезбедат збирни статистички податоци, вклучително, меѓу другото, и податоци за бројот на корисници во одреден период, омилените теми и/или земји избрани од членовите и користењето на сметката.

4. Која е правната основа врз која ги обработуваме вашите лични податоци?

Обработката е неопходна заради извршување на задача од јавен интерес или при остварување на официјална надлежност којашто институцијата и телото на Унијата ја има (утврдено со правото на Унијата) (член 5(1)(a) од Регулативата 2018/1725);

  • „Erasmus+“: програма на Унијата за образование, обука, млади и спорт основана со Регулативата (ЕУ) бр. 1288/2013 на Европскиот парламент и на Советот од 11 декември 2013 година и со укинување на Одлуките бр. 1719/2006/ЕЗ, бр. 1720/2006/ЕЗ и бр. 1298/2008/ЕЗ (Сл. весник бр. L 347 од 20 декември 2013 год., стр. 50–73).
  • Одлука за спроведување на Комисијата од 18 декември 2013 година за основање на „Извршна агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура“ и за укинување на Одлуката бр. 2009/336/EЗ (2013/776/ЕУ): член 3 (a).
  • Договор за услуги 2017-3597, 2017-3598 и 2017-3599 меѓу Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура и EUN Partnership AISBL.

Обработката којашто не е опфатена со горенаведената правна основа подлежи на согласност од субјектот на податоци (член 5(1)(г) од Регулативата бр. 2018/1725).

5. Колку долго ги чуваме вашите лични податоци?

Податоците потребни за статистички и истражувачки цели се чуваат во текот на целото постоење на School Education Gateway во збирна и анонимна форма.

Податоците поврзани со профилот на корисникот се чуваат во период од три години по неговото последно најавување. По три години од последното најавување, корисничкиот профил автоматски ќе се деактивира, т.е. нема повеќе да биде видлив за останатите корисници. Се испраќа известување до корисникот за да знае дека неговиот профил е деактивиран и дека може повторно да го активира со повторно најавување во рок од две недели. Доколку корисникот не се најави во рок од две недели, неговиот профил ќе биде трајно деактивиран. Тогаш сите лични податоци стануваат анонимни. Кои било лични податоци коишто корисникот можеби ги вметнал преку алатки на трето лице (на пр. за време на онлајн курс при користење на надворешна онлајн алатка, како што се Facebook, Twitter или Padlet) не се под одговорност на контролорот на податоци и со тоа не подлежат на анонимизирање.

За да ја деактивирате или да ја избришете сметката, обратете се кај Корисничката служба на: support@schooleducationgateway.eu.

Во случај корисниците да побараат нивниот профил да биде деактивиран или ако тој е автоматски деактивиран, ниту еден податок нема да биде повеќе видлив за останатите корисници на School Education Gateway. Податоците ќе се чуваат само во анонимна форма којашто не овозможува лична идентификација. Ако корисниците со деактивиран профил сакаат и понатаму да ја користат платформата, ќе треба повторно да се регистрираат. Податоците им остануваат на располагање на EACEA, Европската Комисија, националните и регионални училишни органи, органите задолжени за спроведување на School Education Gateway и на други трети лица (видете во точка 3) по овластување на контролорот на податоци во збирна форма, и тоа исклучиво за целите на истражување и следење.

6. Кој има пристап до вашите лични податоци и кому се откриваат?

За горенаведените цели, пристапот до целосните податоци е строго ограничен на:

  • задолжениот персонал од Европската Комисија и Генералниот директорат за образование и култура („EAC“)
  • задолжениот персонал од EACEA
  • задолжениот персонал од давателот на услуги EUN Partnership.

Некои од податоците доставени од корисниците ќе се прикажуваат во јавниот дел од платформата School Education Gateway, што значи дека тие податоци се слободно достапни на Интернет. Во овој случај, корисникот има право да ги избрише своите податоци. Податоци кои се јавно достапни се особено следниве:

Податоците за организацијата им се достапни на сите корисници преку страницата на организацијата:

  • име, адреса, град, земја, слика, УРЛ од Facebook, УРЛ од Twitter, УРЛ од LinkedIn и веб-страница
  • регистрирани лица приклучени на организацијата (име, презиме, земја, слика)
  • записи за курсеви, можности за мобилност и стратешко партнерство објавени од членови на организацијата
  • оценка со ѕвездички врз основа на просечното бодување на курсевите на организацијата (ако има)
  • листа со рецензии и оценки доставени од други корисници во однос на курсевите на организацијата

Податоци за лицето кое се регистрира:

  • Следниве податоци на лицето кое се регистрира им се достапни на сите корисници само на јавната страница на организацијата (ако корисникот е приклучен на една или повеќе организации): име, презиме, земја, мала слика (ако има).
  • Страницата со профилот на корисникот е достапна само за другите најавени корисници, и ги вклучува следниве податоци: име, презиме, земја, слика, организација/ии, тип на корисник, коментари внесени од регистрираниот корисник, статии кои членот ги има означено како омилени, и податок за тоа дали регистрираниот корисник е верифициран на eTwinning.  
  • Каков било запис, коментар, рецензија и/или оценка којашто регистрираниот корисник доброволно ја оставил е јавна, т.е. видлива за корисниците на веб-страницата кога тие ја прегледуваат коментираната или рецензирана ставка, а може да се најде и преку пребарувачите.
  • Активноста на корисниците за време на онлајн курсевите е видлива само за регистрираните корисници кои, исто така, се пријавени на тој онлајн курс.

Преносот на одредени податоци кон други трети лица (на пр. истражувачки центри и универзитети) може да се дозволи со посебно овластување од контролорот на податоци, но тие ќе бидат пренесени во анонимна форма.

Личните податоци никогаш не може да се користат за цели на маркетинг.

7. Како ги штитиме вашите лични податоци?

Собраните лични податоци и сите поврзани информации се чуваат на безбедни сервери на давателот на услуги (EUN).

Во договорот со давателот на услуги е вметната договорна клаузула за заштита на податоци за да се обезбеди обработка на вашите податоци којашто е во согласност со важечкото законодавство.

Работата на компјутерските центри на давателот на услуги е договорно усогласена со директивите и одредбите за безбедност на Европската Комисија утврдени од Директоратот за безбедност во однос на овој вид сервери и услуги.

8. Какви права имате во однос на вашите лични податоци и како може да ги остварите?

Имате право да:

  • побарате пристап до личните податоци што ги чуваме за вас;
  • побарате исправка на вашите лични податоци или сами да извршите исправка во вашиот профил;
  • побарате, под одредени услови, бришење на вашите лични податоци;
  • побарате, под одредени услови, ограничување во обработката на вашите лични податоци;
  • поднесете приговор на обработката на вашите лични податоци врз основа на вашата посебна ситуација;
  • побарате вашите податоци да бидат пренесени на друга организација во некоја често употребувана, машински читлива, стандардна форма (преносливост на податоци);
  • ја повлечете вашата согласност во секое време.

Имате право да поднесете приговор на обработката на вашите лични податоци врз основа на вашата посебна ситуација согласно одредбите од член 23 од Регулативата бр. 2018/1725.

Исто така, имате право да не подлежите на автоматизирани одлуки (носени исклучиво од машини) коишто ве засегаат, онака како што е утврдено со закон.

9. Право на жалба во случај на конфликт во однос на кое било прашање поврзано со личните податоци

Во случај на конфликт во однос на кое било прашање поврзано со заштитата на личните податоци може да се обратите кај контролорот на податоци на горенаведената адреса и наведеното поштенско сандаче (точка 1).

Исто така, може да се обратите кај Офицерот за заштита на податоци на EACEA на следнава е-пошта: eacea-data-protection@ec.europa.eu.

Во секое време може да поднесете претставка до Европскиот супервизор за заштита на лични податоци: https://edps.europa.eu/.


[i] Регулатива (ЕУ) бр. 2018/1725 на Европскиот парламент и на Советот од 23 октомври 2018 година за заштита на физичките лица во поглед на обработката на лични податоци од страна на институциите, телата, службите и агенциите на Унијата и за слободно движење на таквите податоци, и за укинување на Регулативата (ЕЗ) бр. 45/2001 и Одлуката бр. 1247/2002/EЗ (Текст со важност за ЕЕО, Сл. весник бр. L 295, 21 ноември 2018 год., стр. 39.