Алатки за Еразмус+ - Услови и одредби

Информациите дадени овде дефинираат какви треба да бидат објавите во делот за Алатки за Еразмус+. Со цел да се обезбеди максимална и трајна придобивка за училиштата и за наставниците, сите објавувачи се должни да ги почитуваат стандардите опишани овде и да се придржуваат до целите и стандардите на програмата Еразмус+.

 Овие услови и одредби ја надополнуваат општата Изјава за одрекување од одговорност на веб-страницата.

Исто така, прочитајте ги Често поставуваните прашања и Упатството.

Изјава за одрекување од одговорност во однос на Алатките за Еразмус+

Како корисник на Алатките за Еразмус+, прочитајте ги внимателно следниве информации:

  • Алатките за Еразмус+ се дадени во склоп на порталот School Education Gateway основан од страна на Генералниот директорат за образование и култура на Европската Комисија во соработка со Европска извршна агенција за образование и култура.
  • Објавените курсеви, можностите за мобилност и барањата за стратешки партнерства се нудат од страна на независни организации, и Европската Комисија не презема никаква одговорност или обврска во однос на нивната содржина, реализација или управување.
  • Ниту една објава не е претходно одобрена од Европската Комисија, ниту од Националните агенции, но од објавувачите се бара да ги почитуваат дадените услови и одредби.
  • Избирањето курс со физичко присуство, можност за мобилност или понуда за стратешко партнерство од базата на податоци не гарантира дека училиштето ќе добие грант од Еразмус+.
  • Курсот, можноста за мобилност или стратешкото партнерство за кои сакате да аплицирате за финансирање преку Еразмус+ не мора да бидат објавени на платформата School Education Gateway.

Основни услови и одредби

  • Користењето на Алатките за Еразмус+ е бесплатно, и за објавувачите, и за лицата кои пребаруваат објави според сопствени критериуми.
  • Секој може да објави курс со физичко присуство, можност за мобилност или барање за стратешко партнерство. Единствениот технички услов за креирање објава е да имате корисничка сметка поврзана со некоја организација. Откако ќе биде креирана таква сметка, корисниците може да постават објава во кој било дел.
  • За да имате пристап до некои функционалности на платформата School Education Gateway и Алатките за Еразмус+, мора да се регистрирате за да креирате сметка и да станете член.
  • Ние ги вложуваме сите напори за веб-страницата да работи без проблем. Сепак, платформата School Education Gateway не презема никаква одговорност во случај на привремена недостапност на веб-страницата поради технички проблеми кои се надвор од наша контрола.
  • Платформата School Education Gateway не презема никаква одговорност за оцените или коментарите на содржината.
  • Платформата School Education Gateway го задржува правото да прави измени во веб-страницата или во Алатките за Еразмус+, како и да прави измени во овие Услови и одредби во кое било време и без претходна најава.

Политика за прифатливо користење

Доколку објавувате содржина преку Алатките за Еразмус+, прочитајте го внимателно следново:

  • Објавувачите се должни да дадат точни и релевантни информации во своите објави, како и да ги одржуваат и по потреба да ги ажурираат.
  • Објавувачите треба да се погрижат секоја содржина што ќе ја постават на платформата да биде точна (кога се наведуваат факти) и веродостојна (кога се наведуваат мислења).
  • На оваа платформа не е дозволено објавување или испраќање материјали, слики, видеозаписи или други содржини за кои објавувачот нема дозвола за користење.
  • Не е дозволено користење лажен идентитет на некое лице или субјект, ниту давање лажна изјава или какво било друго лажно претставување.
  • Не е дозволено да се манипулира со објавите или кои било делови од нив (вклучително наслови, опис, метаподатоци, датуми, податоци за контакт, итн.) на каков било начин што може да ги доведе до заблуда читателите или да скрие релевантни информации од нив, вклучително давање какви било лажни или изобличени информации со цел подобрување на видливоста во резултатите од пребарувањето или давање/поттикнување лажни рецензии или оцени.

Повреда на условите и одредбите

Непридржувањето до оваа политика за прифатливо користење претставува материјална повреда на Условите и одредбите согласно кои на корисниците им е дозволено да ја користат платформата и може да резултира со преземање на некоја или на сите следни мерки, во кое било време, без претходна најава:

  • моментално, привремено или трајно одземање на вашето право да ја користите нашата веб-страница;
  • моментално, привремено или трајно отстранување на која било објава или материјали што сте ги прикачиле на нашата веб-страница, а кои се сметаат за неточни, несоодветни или нерелевантни за целите и за публиката за која е наменета веб-страницата;
  • моментално, привремено или трајно отстранување на кои било рецензии/коментари од корисниците и одговарање на нив според наше убедување, во случај тие да се навредливи, или ако се чини дека станува збор за измама или дупликати;
  • издавање опомена.

Одлуката за изрекување соодветни мерки во случај на повреда на овие Услови и одредби ќе се заснова на сериозноста на повредата и на историјатот на користење на платформата од страна на корисникот. Поточно, одлуката за трајно одземање на правото на користење на платформата може да биде оправдана само ако корисникот веќе бил предупреден при претходна повреда на овие Услови и одредби дека правото ќе му биде трајно одземено во случај на понатамошна повреда.

Во случај на отстранување на која било ваша објава, во која било форма, одземање на вашето право да ја користите нашата веб-страница, или во случај на одземање пристап до веб-страницата или која било алатка за Еразмус+, вие имате право да побарате образложение за таквата одлука. Таквото барање треба да го испратите на support@schooleducationgateway.eu. На секое барање што ќе се смета за навредливо, особено поради неговиот повторлив карактер, нема да се даде одговор во однос на прашањето. Во тој случај, ќе бидете известени дека барањето се смета за навредливо и дека нема да биде даден дополнителен одговор.

Вашите коментари на одлуката за одземање на вашето право да ја користите платформата може да ги дадете преку EAC-SEG@ec.europa.eu во рок од две недели од донесувањето на одлуката.


Посебни услови и одредби

Каталог со курсеви

  • Каталогот со курсеви е наменет да се користи за објавување огласи за курсеви предложени како активност за мобилност на кадарот поддржана со финансиски средства од Еразмус+ (Клучна акција 1: Проект за мобилност на училиштен наставен кадар).
  • Повеќе за роковите, условите и постапките за аплицирање дознајте на  веб-страницата на Еразмус+.
  • Ако вие сте даватели на курсеви, погледнете ги „Стандардите за квалитет на курсевите во рамки на Клучната акција 1 (мобилност за учење за поединци)“ кои се наоѓаат подолу на оваа страница.
  • Треба да знаете дека во меѓувреме, само администраторите на платформата School Education Gateway може да објавуваат нови онлајн курсеви во Каталогот со курсеви.

Можности за мобилност

  • Базата на податоци е предвидена да се користи за објавување понуди за можности за мобилност за училишниот кадар, како на пример, учење на работата преку набљудување од сенка, периоди на набљудување или реализирање настава во некое училиште или друга организација во странство.
  • Трошоците за активноста за мобилност на кадарот може да бидат финансиски поддржани преку Еразмус+ во рамки на Европскиот план за развој на секое училиште (видете во Клучна акција 1: Проект за мобилност на училиштен наставен кадар).
  • Повеќе за роковите, условите и постапките за аплицирање дознајте на веб-страницата на Еразмус+.

Стратешки партнерства

  • Оваа база на податоци е наменета да се користи за објавување проектни идеи и огласи за барање партнери кои ги исполнуваат условите за Стратешки партнерства финансирани од ЕК во секторот на училишното образование:
    • Стратешки партнерства во поддршка на иновации
    • Стратешки партнерства во поддршка на размената на добри практики
  • Повеќе за роковите, условите и постапките за аплицирање дознајте на веб-страницата на Еразмус+.

Стандарди за квалитет на курсевите во рамки на Клучната акција 1 (мобилност за учење за поединци)

На оваа страница се дадени условите за курсевите за обука на наставници во однос на Еразмус+. Опфаќа информации и транспарентност, содржина, педагогија, и други прашања. Со цел да се обезбеди максимална и трајна придобивка за училиштата и наставниците, давателите на курсеви се очекува да ги исполнат овие услови и да се придржуваат до целите и стандардите на програмата Еразмус+. Овие услови, исто така, треба да им помогнат на училиштата во потрагата по соодветни курсеви.