Соработка со истражувачи кои се на почетокот од кариерата: отворен повик за апстракти

Слика: Surface / Unsplash.com

Новиот повик за поднесување апстракти им нуди можност на истражувачите кои се на почетокот од својата кариера да ја поднесат својата истражувачка работа и таа да биде објавена на идната Европска платформа за училишно образование и да биде претставена на Годишната конференција на еТвининг за идни наставници во 2022 година.

Европската платформа за училишно образование е нова платформа на Европската комисија којашто ќе биде пуштена во употреба во 2022 година. Платформата ќе има посебен дел за поттикнување и претставување истражувања спроведени од наставници-истражувачи, истражувачи кои се на почетокот од својата кариера и студенти-идни наставници.

Во овој контекст, веќе е отворен јавен повик за истражувачи кои се на почетокот од својата кариера коишто се поканети да ја испратат својата истражувачка работа поврзана со годишната тема на еТвининг за 2022 година насловена „Нашата иднина – убава, одржлива, заедничка: Училиштата и новиот европски Баухаус“. Релевантните теми вклучуваат (но не се ограничени на) иновативен дизајн на просторот за учење, инклузивно образование, образование за животната средина, добросостојба во училиштето и комбинирана настава.

Пријавите треба да се однесуваат на истражување засновано на емпириски докази од национални и меѓународни истражувачки и/или еТвининг проекти, како и теоретски и методолошки согледувања поврзани со горенаведените теми.

Избраните, рецензирани статии од овој јавен повик ќе бидат објавени на Европската платформа за училишно образование, а авторите ќе бидат поканети да ги презентираат во рамки на Годишната конференција за 2022 година под наслов „еТвининг за идни наставници“.

Рокот за поднесување на пријавите е 10 февруари 2022 година. Дали сте заинтересирани? Овде може да прочитате повеќе за повикот и да дознаете кои се условите за пријавување.

Исто така, отворен е и повик за рецензенти на кој може да се пријавуваат универзитетски професори/научници кои работат во област поврзана со училишното образование.